јуни 21, 2021

Отворено писмо до Македонците

Македонци, мислам, значи постојам! Слободната волја е вашиот ум да мисли или не мисли, тоа е единствената волја која човек ја има, вашата единствена слобода, избор кој ги контролира сите ваши следни избори и го одредува вашиот живот и вашиот идентитет.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
FB_IMG_1591976112421

Maкедонци, гледам дека некако не сакате да мислите. Веднаш да ви кажам: вие не мора да мислите, тоа е чин на морал, но некои пред вас морале да мислат за да ве одржат во живот како Македонци. Колку и да сте денес на ниско ниво на знаење, поимите ПОСТОЕЊЕ и СВЕСНОСТ се аксиоми кои не можете да ги избегнете. Тоа се примарни вредности, се подразбираат во се што правите, било да го спознавате обликот на некој предмет или структурата на сончевиот систем, аксиомите остануваат исти: дека тоа нешто постои и дека сте вие свесни за тоа постоење.

Да се постои, значи ДА СЕ БИДЕ ентитет со посебна природа и посебни карактеристики. Егзистенцијата е идентитет, а свесноста е идентификација! Што и да е предмет на вашето размислување (доколку размислувате, се разбира), законот на идентитетот останува ист: листот не може во исто време да биде камен, не може да биде жолт и истовремено зелен, не може во исто време да смрзнувате и да ви биде жешко, не може ем да се Грци ем Македонци. Гркот е Грк, Македонецот е Македонец. Не постои нешто како “ем волкот сит, ем овците не број”. Сите катастрофи кои се случуваа во светот се обиди на светските водачи да го избегнат фактот дека А е навистина А.

Тајното зло во вас со кое не смеевте да се соочите и сета болка која моравте да ја истрпите, си ги произведовте сами, обидувајќи се да го игнорирате фактот дека А е навистина А. Целта на сите кои ве учат на тоа не е само да заборавите дека Македонецот е Македонец, туку секаде во светот да заборавите дека човекот е ЧОВЕК!

Вистината се утврдува со логика, а логиката почива на аксиомата дека постоењето постои. Логиката е УМЕТНОСТ НА НЕПРОТИВРЕЧНА ИДЕНТИФИКАЦИЈА! Противречности не постојат. Ништо не е противречно во однос на сопствениот идентитет! Реалноста е таа што постои, нереалноста не постои. Нереалноста е само негација на постоењето. НЕРЕАЛНОСТА Е СОДРЖИНА НА ЧОВЕКОВАТА СВЕСТ КОГА ЌЕ СЕ ОБИДЕ ДА СИ ГО НАПУШТИ РАЗУМОТ.

Вистината е препознавање на реалноста. Разумот е единственото средство за знаење на човекот и е единствено негово мерило на вистинитоста.

Најлоштото прашање кое сега би си го поставиле гласи: “Чиј разум?” Одговорот е: вашиот. Без оглед на вашето скромно знаење со кое располагате, вашиот разум е поважен од оној на осумте гревчиња во Собранието или од оние кои ви се претставуваат како ваши водачи.

Вашиот ум е единствен судија на вистинитоста, а доколку останатите на је прифаќаат вашата пресуда за себе, РЕАЛНОСТА е врховниот суд на кој можете да му се обратите. Ништо освен човековиот ум не може да го врши тој комплексен, деликатен, суштински важен процес на идентификација- размислувањето! Ако престанете самите да размислувате, престанувате да постоите. Македонци, мислам, значи постојам! Слободната волја е вашиот ум да мисли или не мисли, тоа е единствената волја која човек ја има, вашата единствена слобода, избор кој ги контролира сите ваши следни избори и го одредува вашиот живот и вашиот идентитет. Вие сакате тој избор наместо вашата слободна волја изразена на референдум да ја замените со одлука на шака корумпирани во Собранието!?

Размислувањето е основната човекова доблест, а негова главна мана и извор на сите зла во човештвото е исклучувањето, своеволното изоставување на сопствената свест, одбивањето да размислувате! Не слепило, туку свесно одбивање да видите. Не незнаење, туку одбивање да знаете! Македонци, незнаењето е избор! Реалноста не може да се избрише, таа само може да го избрише бришачот.

Одбивајќи да кажете “тоа е така” вие одбивате да кажете “јас сум”. Со укинување на вашето сопствено проценување, си ја негирате сопствената личност. Кога човек ќе каже: “кој сум јас да знам”, тој вели: “кој сум јас за да постојам”. Морал е она што се бира, а не што се наметнува, она што се подразбира, а не што нешто на што му се покорувате. Моралот е секогаш рационален, а разумот не прифаќа никакви наметнувања. За да опстоиме како Македонци, три работи мораат да ни бидат од најголема вредност: РАЗУМ, како единствена алатка на знаењето, ЦЕЛ, како решителност да се биде среќен и САМОПОЧИТУВАЊЕ, како незагрозива сигурност дека нашиот ум е способен да размислува и дека си ја заслужуваме среќата, што значи, заслужуваме да живееме како Македонци!

Рационалноста е признание на фактот дека ништо не може да ја смени вистината. Независноста е признавање на фактот дека во вас лежи одговорноста на расудувањето и дека ништо нема да ви помогне да ја избегнете, како што никој не може наместо вас да живее, така и не може наместо вас да одлучува. Запаметете: најподмолен облик на самопонижување и самоуништување е подреденост на сопствениот ум кон умот на некој друг, прифаќање на нечии изјави како факт. Не дозволувајте никогаш нечие туѓо мислење за вас, да стане ваша релност! Интегритет е признавање на фактот дека не може да се фалсификува сопствената свест!

На крај, мои Македонци, ви апелирам за поголема храброст, оти храброста е ПРАКТИЧЕН ОБЛИК НА ИСКРЕНОСТ КОН СОПСТВЕНОТО БИТИСУВАЊЕ!

Автор: Зоран Витанов

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •