октомври 24, 2021

Како понатаму да се стопанисува со плажите

inbound1816665061250070195

Меморијата на луѓето е кратка. За тоа се уверив вчера и денес, кога гледам реакции од дел од нашите сограѓани дека плажите треба да останат како што ги знаеме денес и дека со рушењето ќе се нагрделе и ќе станеле депонии како и пред наводните концесии. Се извинувам, ама јас како стружанец не можам да се сетам дека порано плажите биле депонии, напротив, Струга во рамките на поранешната држава важеше за еден од најчистите градови. Но, веројатно тука некои од поддржувачите на хаосот што владее на Охридско, се поттикнати од финансиски побуди?!

Деновиве повторно е актуелно рушењето на дивоградбите на охридските и струшките плажи, се чини повторно во предвечерие на изборите. Ништо ново, доаѓа гарнитура на власт, поминува 4 години на власт без да сработи нешто, за во предвечерието на избори повторно со политички памфлети елитите се обидуваат да се додворат до рајата. Изјавите на високиот владин функционер и градоначалникот на Охрид дека “ќе се рушат плажите” на неколку недели пред избори, не се ништо друго туку чисти политички памфлети. Ај што плажите и не може да се срушат ( може дивоградбите на плажите нели), туку и да може Македонија нема институции кои би го спровеле тоа. Да имаше, во прв ред немаше са се дозволи таков хаос, кој што за волја на вистината, трае од 2008 година, односно од првите издадени концесии на плажите. Вредно е да се напомене дека Струга од тогаш немала транспарентна постапка за издавање на плажите под концесиии, а Охрид уште само еднаш, но про форма, со оглед дека “газдите на плажите” веќе имаа изградено огромни дивоградби на концесионираните плажи. Пак ќе подвлечам, концесиите беа доделени, без притоа да се предвидат јасни правила на игра, пред се какви и колкави објекти ќе може да се изградат, и колку пари ќе се слеваат во општинските каси од концесиите. И ден денес не сум сретнал податок колку приходуваат струшкиот и охридскиот буџет од концесиите на плажите?! 

Но, не вреди да се расправаме за пропуштеното, битно е што понатаму?

Со оглед дека се работи за најатрактивно јавно добро, но и светско природно наследство, кога јас би бил градоначалник на некој од овие два бисери, би одел со издавање под концесии во времетраење од две години. Но тука, многу битно е дека општините треба да изработат проекти за типски објекти кои за почеток би ги финансирала сама па така изградени би ги издавала на потенцијалните концесионери, или првиот пат тие објекти би биле изградени од првите концесионери, а инвестицијата би била компензирана со средствата за концесија. Исто така потребно е да се изгради и пропратна инфраструктура, пред се паркинзи, тоалети, интернет пристап, спортски игралишта онаму каде просторот тоа го дозволува. За тоа постојат архитекти, па и цели Сектори за урбанизам во општините. На секои две години би следел повик за концесионирање, каде заинтересираните понудувачи кои претходно ги исполниле критериумите за способност, би се наддавале на електронска аукција. Победник е тој што ќе понуди најмногу. На победникот ќе му посакаме добра заработка, но и зачувување на нашето јавно добро.

На крај само би додал, дека државата не смее да постапува дискриминаторски во рушењето, или ќе руши се или ништо. Иако ни самиот не верувам дека има сила да го спроведе законот!?

Автор: Стефчо Негриески

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •