октомври 23, 2021

Пререстриктивните мерки го донесоа пикот во јуни

Кризата со пандемијата од ковид – 19 веќе цели три месеци ја измачува Македонија. И додека буквално сите држави во Европа веќе се вратија во нормала, кај нас последниве две недели изгледаат како сега да го достигнуваме пикот на епидемијата. Но зошто е тоа така, зарем мораше Македонија и во справувањето со оваа криза да доцни, како и со се друго.

Ако ги споредиме мерките кои ги презеде нашата држава, во споредба со остатокот на Европа, се чини дека заедно со Србија, Македонија презеде најдрастични мерки во справувањето со кризата. Долги полициски часови, затворени беа сите училишта, кафеани, многу бизниси, меѓуградскиот превоз не функционираше долго време… Па зошто е сега вака, Македонија моментално е најризичната држава во Европа!?

Прво, медицинската наука се уште нема измислено лек против вируси, па историски гледано борбата против вирусни епидемии се сведува преку имунизација, колективна – преку природно ширење на вирусот или вакцинирање на популацијата, доколку постои вакцина. Во овој случај се работи за нов вирус, па така вакцинацијата е невозможна. Значи единствено останува стекнувањето на колективен имунитет преку природно, нормално контролирано, ширење на вирусот. За да се постигне таков колективен имунитет потребно е веројатно заразување на 30 – 50 % од популацијата. Значи се додека не постигнеме толкав процент на заразени вирусот ќе се шири, за што доказ се бројките последнава недела.

Второ, можеби Македонија требаше да размисли да се применат мерки од шведскиот модел, кои имаа многу полиберален пристап кон справување со вирусот, бидејќи шведска студија преку испитување на крводарители докажа дека повеќе од 600.000 граѓани на Стокхолм се веројатно асимптоматски носители на вирусот, а таа бројка на луѓе не можете да ја ставите во изолација, бидејќи во тој случај никогаш нема да се создаде посакуваниот колективен имунитет.

И трето, Владата одлучи дека ќе се бори со епидемијата ПР – овски. Министерот за здравство Филипче постана портпарол, па секој ден ни соопштува статистики, небаре е директор на државен завод за статистика. А општо познато е дека со статистика не се решава проблем, туку таа е алатка за носење на вистински мерки. Па така, од едни од најдобрите во справувањето со епидемијата во април и мај, сега сме на европската опашка и ќе си останеме во карантин цело лето, со тешки економски и финансиски последици.

Со оглед дека буквално изгубивме три месеци во борбата со епидемијата – седејќи дома, фактички ние сега влеговме во пикот на епидемијата. Општо познато е дека секоја вирусна епидемија трае од 4 – 6 недели, па очекувам справување со епидемијата кај нас кон средината на јули. Дотогаш ќе следиме прес конференции. Поздрав и добро здравје.

Автор: Стефчо Негриески

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •