Бајден се закани дека ќе интервенира војската ако Трамп не сака да си замине
Кандидатот за претседател на демократите, Џо Бајден изјави дека е загрижен што Трамп ќе се обиде да ги „украде“ изборите во ноември, но е уверен дека војниците ќе го изнесат од Белата куќа, доколку изгуби и одбие да го признае резултатот.

„Ме загрижува многу: претседателот ќе се обиде да ги украде изборите“, рече Бајден во средата на шоуто „Комеди Централ“.
Тој не прецизираше како републиканскиот Трамп може да измами на изборите. Но, поранешниот потпретседател потсети дека Трамп жестоко се спротивставува на гласањето по пошта и најави дека демократите ќе имаат адвокати на избирачките места за да ги спречат републиканците да манипулираат со гласачките ливчиња.
Трамп во неколку наврати го критикуваше гласањето по пошта, велејќи , иако без никаков доказ, дека поголем процент на гласачките ливчиња ќе доведе до кражба на изборите на 3 ноември.
Бајден рече дека коментарите на поранешните воени команданти, кои го критикувале одговорот на Трамп на протестите против полициската бруталност, го убедиле дека американската војска ќе интервенира доколку Трамп не ги признае резултатите од изборите.
„Апсолутно сум убеден дека тој ќе биде изнесен од Белата куќа“, рече Бајден.
Бајден претходно јавно предупреди дека Трамп би можел да се служи со измами на изборите. Но, неговата реторика се заостри во последните месеци, во време кога анкетите покажуваат предност на поранешниот потпретседател пред претседателот и кога Трамп се повеќе се спротивставува на дописното гласање .
Трамп и републиканците веруваат дека таквото гласање може да се манипулира и дека тоа ги фаворизира демократите.
Персоналот на кампањата на Трамп не одговори на барањето за коментар за таквите изјави на Бајден.