јуни 21, 2021

Колумна: Училиштата не се само објекти. Може ли учењето на далечина да биде успешно?

Стефан Симовски - 5

Не сите дигитални програми и апликации, толку разнобојни и наводно пријателски за учениците како што на прв поглед изгледаат, им помагаат на децата да научат да читаат, пишуваат и пресметуваат многу подобро. Неопходни се многу повеќе истражувања и развојни процеси за да се развијат соодветни програми за дигитално учење, вели во колумната Стефан Симовски, професор по германски јазик и книжевност


Оваа учебна година, за жал, ќе заврши без настава во училишните клупи, како последица на пандемијата на коронавирусот. Учениците повеќе од два месеца се принудени да учат од дома преку далечинско учење како превентивна мерка од ширење на инфекцијата. Но, што претставува овој вид настава за учениците, наставниците и родителите? Со какви проблеми се соочуваат чинителите во овој процес на учење? И како може успешно да се реализира т.н. онлајн-настава?

Учениците нема да имаат можност да се вратат во училишните клупи до крајот на оваа учебна година, па единствената опција што им преостанува е да ја завршат наставната година со онлајн-настава. Родителите, исто така, се принудени да им помагаат на своите деца да го научат материјалот што им го даваат наставниците и со тоа делумно да ја преземат улогата на наставник, а тоа, се разбира, е сложено. Родителите се тие што треба да им помогнат и во пишувањето на домашните задачи.

Предизвик е знаењето за повисоки оценки, но исто така и дидактиката. За реализација на сево ова не е потребно само знаење, туку и време.

Суштинскиот проблем во целата ситуација првенствено е во тоа што никој од чинителите во овој процес на далечинско учење не беше доволно подготвен, ни наставниците, ни учениците, ни родителите. Тој се случи ненадејно и ненајавено и се реализира во вонредни услови. Постојат многубројни кампањи на социјалните медиуми во кои сите чинители во овој процес отворено зборуваат за проблемите со кои се соочуваат.

Со воведувањето на онлајн-наставата учениците се принудени од дома да реализираат настава со ист обем небаре се во училиште. Ова е несфатливо, нелогично и неминовно им создава стрес. Домашните задачи се обемни, бараат стручно знаење кое, се разбира, некои родители не го поседуваат, но се разбира проблем е и времето кое ги врзува дури и по пет часа на ден. Притисокот се пренесува на сите. Покрај тоа, и наставниците и учениците се соочуваат со недоволни технички услови. Така, на пример, ако неколку деца од едно семејство се принудени да користат ист компјутер во исто време, а да не ја споменуваме и слабата мрежа, која одзема дополнително време.

Наставата што се реализира во училишните клупи е интерактивна и таа во голема мера се разликува од далечинското учење. Наставата во училиште наставниците ја реализираат потпирајќи се на нејзина практична реализација преку предавање, вежби и повторување.
Онлајн-наставата ја оневозможува вообичаената дидактичка комуникација, односно интерактивноста на часот. Колку и да е разбирлива содржината за да му ја пренесете на ученикот, таа бара соодветно дидактичко знаење од наставникот.

Постои и уште еден проблем: Успехот на ученикот во образовниот процес зависи и од социјалната заднина бидејќи често родителите од овие социјални средини тешко можат да им помогнат на своите деца со училишниот материјал.
Учениците од основните училишта, во зависност од тоа колку е помала возраста, во училиште стекнуваат т.н. фиксни навики, ритуали и процеси што ги имаат во училиште, а сега треба да ги практикуваат дома, како на пример фиксна локација за учење. Мал почетен ритуал може да им помогне на помалите деца и да ги доведе во вистинско расположение за учење, а последниот ритуал во училиштата вообичаено го означува почетокот на слободното време. Тоа често претставува дополнителна мотивација, која во домашни услови многу потешко може да се оствари.

Колку што е помала возраста, толку паузите помеѓу задачите мора да бидат почести. Во дадена ситуација менувањето на динамиката на работата во наставата во училиште се менува на секои 10 до 20 минути, а тоа значи дека секој ученик не е постојано активен на часот. Затоа секое дете не е постојано активно на училиште.

Учениците во училиште функционираат со дневен, односно неделен распоред на часови. Вообичаено во едно одделение наставникот реализира настава со најмногу 34 ученици и притоа ги приспособува своите предавања, прашања и задачи балансирано со различно темпо зашто ги познава своите ученици, особено оние што можат да работат самостојно. При онлајн-наставата ова е речиси невозможно. Постои и уште еден незаменлив фактор што е невозможно да го замениме при онлајн-наставата. Тоа се соучениците, кои во училишните клупи работат во парови или групи и си помагаат едни на други за време на часот, а се разбира и наставниците им помагаат.

Единствената предност што ја нуди онлајн-наставата е кај учениците кои се навикнати самостојно да учат. Тие имаат шанса да практикуваат повеќенасочно независно учење и да развиваат вештини за длабинско учење. Се разбира, оваа вештина многу потешко ја применуваат учениците од основно училиште зашто тие се навикнати да работат по директни инструкции на наставникот.

Што е со дигитализацијата? Не сите дигитални програми и апликации, толку разнобојни и наводно пријателски за учениците како што на прв поглед изгледаат, им помагаат на децата да научат да читаат, пишуваат и пресметуваат многу подобро. Неопходни се многу повеќе истражувања и развојни процеси за да се развијат соодветни програми за дигитално учење.

Пандемијата покажа дека училиштата не се само објекти, а како последица од неа многу родители ја увидоа тежината на професијата наставник, односно улогата на наставникот во образовниот процес.

Автор: Стефан Симовски, професор по германски јазик и книжевност

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •