октомври 22, 2021

Буџетот дише на шкрги

Нѐ очекува претешка година на финансиски план, а Владата се однесува како пијаница во кафеана кој изгубил чувство за тоа колку пари има во џеб, па продолжува да пушта тури на цела кафеана. На крај цехот сепак ќе треба да се плати.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
103428970_3228316057190626_3390677874584856903_n

Македонскиот буџет оптоварен од многу непродуктивни расходи – гломазна администрација, пензиски фонд, огромни субвенции во земјоделството… отсекогаш дишел на шкрги. Се чини дека фалеше уште кризава со пандемијава за да може да ја видиме реалната слика на буџетот, но и на македонското стопанство, сепак повеќе на буџетот, од причина што во првите четири месеци од годинава многу малку потфрла приходната страна, а многу повеќе расходната. Од достапните информации за извршување на буџетот на сајтот на Министерството за финансии, на приходната страна на буџетот за месец април може да се забележи пад од 8 % во однос на просекот од првите 3 месеци. Со оглед на тоа дека во месец април стопанството беше под клуч тоа изгледа како прифатлива бројка.

Од друга страна, на страната на расходите, во месец април зголемувањето изнесува нешто над 5% од просекот во првите три месеци од годинава. Ова значи дека Владата и во првите три месеци од годинава била многу дарежлива и се расфрлала со пари по сите основи, иако јануари и февруари, и првата половина на март се уште не е на сцена кризата со пандемијата.

Сѐ е до сега во ред, но кога ќе ги погледнеме бројките во дефицитот на буџетот, во месец април истиот е зголемен за фантастични 90% во однос на просекот од првите 3 месеци. Односно, просечен буџетски дефицит во првите 3 месеци е 2.470.000.000 денари или 40 милиони евра месечно, за во април тој да изнесува 4.716.000.000 денари или 76 милиони евра.

Доколку ваквите трендови продолжат тоа ќе биде погубно за државава.

До крајот на годинава очекувам дека ќе биде издадена уште една еврообврзница од отприлика 500-700 милиони евра, со оглед дека најновата еврообврзница од 700 милиони евра ќе биде искористена за отплата на стари долгувања кои доспеваат оваа година, а изнесуваат 43.213.000.000 денари или 702 милиони евра.

Нѐ очекува претешка година на финансиски план, а Владата се однесува како пијаница во кафеана кој изгубил чувство за тоа колку пари има во џеб, па продолжува да пушта тури на цела кафеана. На крај цехот сепак ќе треба да се плати.

*Извор – Министерство за финансии

Автор: Стефчо Негриески

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •