јуни 23, 2021

Било, да не се повтори

Томе Постолов Македонски

Денес и официјално заврши учебната година за учениците. Година, според мене катастрофална, и од објективни и од субјективни причини. Покрај веќе национално срушеното образование, на „помош“ му притекна и короната за сосема да го дотолчи.

Изминативе неколку недели, слушам и читам како т.н онлајн експерти креваат одредени наставници и професори на пиедестал заради „мајсторски“ одржаните часови по електронски пат и со т.н е-учење. Да напоменам, тоа се истите „експерти“ кои од петни жили се бореа децата да ги оттргнеме од современиве алатки кои им се на располагање од низа причини, за кои нема потреба да објаснувам.

Лично, јас изминативе три и пол месеци ги сметам за најпромашеното нешто во мојата досегашна професионална кариера. Не знам за другите ,но мене очајно ми недостигаше „мирисот“ на училиштето,ми недостигаа погледите на учениците,ми недостигаа нивните шепоти, но и палавости.Ми недостигаа „живи“ контакти.

Некои од колегите имаат намера да ги оценуваат учениците и според учеството на онлајн наставата и според покажаниот интерес. Јас тоа не би го направил,зашто за мене не е мерило „вештачкото“ и импровизирано образование.

Конечно, на сите ученици им посакувам мирен и спокоен распуст, со единствена заедничка мисла НИКОГАШ ДА НЕ СЕ ПОВТОРИ и, конечно, во септември да си се видиме како што доликува на вистински ученици и вистински наставници.

Среќен распуст, драги ученици!

Автор: Томе Постолов

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •