јуни 22, 2021

Придобивките од спогодбата помеѓу втората страна и Хеленската Република

Една изрека вели таму каде што некој гледа загуба и разочарување, другиот гледа можност и шанса

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
Роберт Милески

Знаете драги мои, една изрека вели таму каде што некој гледа загуба и разочарување, другиот гледа можност и шанса. Токму така и ние треба да и пријдеме на спогодбата помеѓу втората страна и Грција. Досега во разговорите за името имаше повеќе фактори. Тоа беа Владите на државите, Претседателите, преговарачите и секако медијаторот Нимиц. Знаете кој не беше фактор во овие преговори? Да точно погодивте – македонскиот народ! Токму оној кој што беше предмет на разговори, односно државата која што тој народ ја беше создал! Сега за првпат и ние како народ сме фактор. И тоа многу битен фактор. Тоа факторизирање ќе се случи преку референдумот за овој договор.

Сите трубадури на власта ви зборуваат за придобивките од овој договор, колку е убав тој нивен замислен свет во кој живеат, според кој вие уште утре ќе бидете заштитени од НАТО и уште утре ќе уживате во придобивките да се биде член на Европската Унија, иако тоа ќе се случи најрано за 15 години. Со сета нивна медиумска моќ и пропаганда, на која искрен да бидам Груевски може само да им позавиди, ја продаваат оваа приказна. И како кај секој зајак што треба да загризе, тоа е морковот. Секако веднаш после тоа го продаваат и стапот! Ако не гласате, македонски народе, ќе се случи катастрофа! Ќе останете без држава, Албанците ќе почнат војна, планетата ќе почне да ротира обратно, а голем знак прашање е дали и сонцето утредента ќе изгрее. Ако го прашате оној дебелкото што излегува по сите медиуми, веројатно ќе ви каже дека е убеден дека сонцето нема да излезе, оти тоа така тие го пресметале во тенкот на тинковци, а тоа ќе ви го каже преку некоја 360-та емисија за перење мозок.

Како што и на почетокот напишав, мора да ја гледаме и шансата. Знаете, постои и поинакво сценарио. Деновиве НАТО ќе упати условена препорака за прием на Македонија, и тоа е добро. На самитот на ЕУ за очекување е Македонија да добие препорака за почеток на преговорите. И тоа е одлична вест! Според мене, играта на Франција како голем грчки пријател е намерна, за да нé држат во некаква лимбо ситуација, па потоа да соопштат дека ете и тие се убедиле, па Македонецот да издише и да рече, уф, видовте ли колку беше тешко! Се е тоа една одлична фарса и добро испланирана игра.

Но, сето ова е условено од еден единствен непознат фактор во оваа игра – тоа си ти! Да ти, припадникот на македонскиот народ. Од тебе се очекува, на денот на референдумот, да се облечиш во најубавите алишта, и да отидеш пред гласачката кутија, каде што свечено ќе го заокружиш укинувањето на македонскиот народ и македонската држава. Се она што нашите претци направиле, ние со едно заокружување треба да поништиме. Другите фактори во играта се надеваат на нивната пропаганда, дека ние сме доволно лесна аморфна маса чиј мозок може едноставно да се контролира. Вчера дури еден познат композитор на песни изјави дека на овој прост и неписмен народ не треба ни да му се даде можност да се изјасни! Тие, елитата, ќе каже што е добро за нас!

Сега замислете си дека НАТО дава препорака, ЕУ дефинира датум за отпочнување на преговори, и македонскиот народ не излезе и го бојкотира референдумот за негово самоукинување!? Што сега? Што правиме во таков случај? Кој е сега излезот од ова сценарио?

Па знаете, тоа ќе значи дека македонскиот народ, вторпат после изјаснувањето на референдумот за државност станува повторно фактор. Македонецот вторпат ја зема судбината во свои раце и конечно поставува црвени линии во преговорите! Оние кои беа бескрупуплозно погазени од сегашната власт! НАТО и ЕУ ќе се најдат во небрано. Некои од државите членки на алијансата, како Турција, Унгарија, се надевам и Бугарија, ќе го ратификуваат приемот на Македонија во НАТО. Датумот за почеток на преговори со ЕУ дефиниран, процесот одблокиран, почнат, а ситуацијата шах-мат.

Квислиншката власт во Македонија ќе падне, против учесниците што ја довеле Македонија во потчинета положба најверојатно ќе отпочнат кривични процеси. Ќе мора да се одржат брзи избори за стабилизација на државата. Новата власт, сакала или не, нема да може да излезе од црвените линии поставени од македонскиот народ во преговорите со Грција. Цел свет ќе разбере дека не може да си игра мајтап со нас. Тоа ќе значи дека дипломатиите на големите сили ќе мора да изнајдат брз излез од ситуацијата, а тоа ќе значи само едно, нормален договор помеѓу две држави, оти сега, сите ќе знаат дека друга алтернатива немаат. Сите ќе разберат оти попусто инвестирале во нивните мињони во Македонија кои ќе ги пуштат низ вода, а ние како народ конечно ќе расчистиме со политичкиот талог што оваа држава како камен на нога постојано ја влече надолу.

Затоа драги мои, да се надеваме дека ќе добиеме покана за членство во НАТО и отпочнување преговори со ЕУ. Народот е мудар и ќе ги изненади сите на претстојниот референдум, освен секако овие манипуланти ако не најдат начин и тоа да го изманипулираат, оти за лажење и финти им нема рамен.

Ваш и секогаш со вас и на ваша страна, Роберт.

Автор: Роберт Милески

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •