јули 22, 2021

Последната шанса на Грција да нé порази

Целта е сами да капитулираме. Не им е доволно со сила да нé натераат да се прекрстиме, туку тоа мора да го направивме самите ние. Оти Грците одлично знаат дека наметнато решение е неодржливо на долг рок.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
Роберт Милески

Македонскиот народ деновиве е изложен на невиден секојдневен притисок за менување на своето име. Целта е сами да капитулираме. Не им е доволно со сила да нé натераат да се прекрстиме, туку тоа мора да го направивме самите ние. Оти Грците одлично знаат дека наметнато решение е неодржливо на долг рок. И тука напомош секако Грците имаат две компоненти, од една страна се како зајци накотените квислинзи – антимакедонисти, прилепени кон владејачката СДСМ како крволочни пијавици, партија чиј став за името е непрепознатлив и неприфатлив и за голем дел од нивното членство и огромен дел од претходното раководство, а од друга страна е меката и кооперативна власт која попушти пред сите грчки барања. И токму овој комплот на настани и луѓе ја создава грчката комотност убедени дека сé ќе заврши со нивна победа, како што денес гордо изјави Ципрас.

Оперативната теза е дека времето наводно работи против нас Македонците, а во корист на Грција. Јас оваа теза не ја прифаќам! Напротив, сигурен сум дека времето всушност работи против Грција. Претходната лоповска власт немаше интерес да го реши спорот, па затоа некои ја наместија оваа денешната, кооперативната. Но, проблемот е што грчките мегаломански барања ќе ја доведат и оваа власт во ќош. Во ќош кога ќе мора самите да сфатат дека решение за проблемот едноставно не постои, оти не може да се реши нерешлив проблем во својата основа создаден за да не може да се реши!

Оваа Влада, со фактот што ја уништи секоја црвена линија за нас, всушност го уништи нашиот капацитет како држава воопшто да преговараме, оти сé понатаму е впрочем потпишување отворена капитулација пред Грците. И тука е клучот драги мои! Оваа власт е веќе декласирана и нема никаков кредибилитет да преговара, оти пред да се усотличат во фотелјите, сетете се што ветуваше Заев: “Надвор од умот е некој да помисли на промена на уставното име”, а со кршење на ‘рбетот пред Грците и прифаќањето на промена на уставното име всушност се создаде терен ниту една следна власт повеќе да не може рационално да се вклучи во какви било преговори.

Тоа ќе нé доведе нас Македонците во ситуација конечно да сфатиме дека ќе мора прво да си помогнеме себеси, за да ни помогнат и другите. Некоја идна влада со повеќе ‘рбет веројатно ќе создаде некаков план кој ќе се однесува на проблемот со името. Најверојатно ќе се оди на стратегија уште поголем број земји да нé признаат под уставното име, информација до ОН дека преговорите пропаднале заради невозможните и ненормални грчки барања и дека Македонија се повлекува од времената спогодба, а многу веројатно е дека ќе се пробаат и одредени правни лекови за исправање на историската грешка на ОН спрема нас со барање генералното собрание да гласа за Република Македонија под уставното име.

Но, најважното од сé е што ќе мора да се научиме да се потпреме на нас, на нашите сили. Ќе мора во прилично комплициран свет да најдеме начин и за Македонија под сонцето. Ќе мора конечно да почнеме да ги остваруваме ветувањата пред народот за вистинска правна држава на еднакви граѓани, Македонија – ЕДНАКВО, а не едно општество за сите, ревитализација на македонската економија и вклучување во европските текови. ЕУ не може да нé изолира и да сака, оти ние сме дел од Европа. Најдобро ќе биде да се развие и можен план за партнерство помеѓу Македонија и ЕУ од типот на договори што Норвешка и Швајцарија го имаат со Европската Унија. Македонија во следните 10 години ќе мора самата да ги помине поглавјата на ЕУ, не за нив, туку за наше добро! И тоа на долг рок ќе нé направи привлечни и одржливи. Тогаш проблемот со името ќе биде далеку зад нас во едно темно минато на владеење на транзициските безидејни политичари.

Во секој случај, ни претстои светла иднина како држава. Иднина која ќе ја изградиме ние самите, иднина која ќе зависи само од нас и нашата способност, оти, доаѓа времето кога секој од нас ќе мора да покажеме што знаеме пред светот, свет во кој нема да има место на пиедесталот за ликови како Амди Бајрам, антимакедонисти кои деновиве ги полнат медиумите со фекалии, новинари кои не знаат дали се новинари или политичари или пак партиските полтрони кои партиите во опозиција ги разбираат како места да си го поминат времето, а кога ќе дојдат на власт партиите ги гледаат како бироа за вработување.

Ќе биде напорно, но на крајот ќе се исплати. Македонија мора да ја промениме од корен! Македонија ќе ја промениме од корен! Кренете гордо глава мој драг македонски народе и бидете убедени дека ни претстои светла и интересна иднина..

Автор: Роберт Милески

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •