јуни 21, 2021

Хронологија на будалаштината

Методија Анѓелкоски

Почетокот

На 27-ми Април, 2014-та година, се одржаа парламентарните избори преку кои почна кризата во Македонија. Во 18 часот и 50 минути, претседателот на СДСМ, објави дека се случил невиден грабеж на изборите, и дека тие нема да ги прифатат мандатите од тоа што тој го нарече „најкриминални избори во историјата на Македонија“.Секако дека таквиот чекор требаше да биде појаснет со објаснување како всушност се извела изборната кражба, но тоа целосно изостана. Конечно, во деновите што следеа дојде некакво објаснување, кое одоколу па на ќоше, беше дека се извршила системска кражба, т.е. „партијата и државата не биле раздвоени, а соучесници во тоа биле медиумите“. За нормалниот човек и ден денес е сосема нејасно, како е можно, цела една партија колкава што е СДСМ, да не го забележи тоа пред избори, а да го забележи во 18:50 на денот на избори! Повеќе од тоа – СДСМ излезе со релативно анонимни луѓе на пратеничките листи, бидејќи ден пред избори беа сосема сигурни во својата победа! Одговорот – како не виделе, е чист како солза, за оној што сака да го види, а тоа не е секој човек, туку секој разумен човек. Бидејќи немале увид во изборните ливчиња, јасно е дека прес конференцијата е одржана врз основа на излезноста! Кусо потсетување – недела дена пред изборите, опозицијата лансираше афера во која пред околу 11 години, тогашниот прв опозиционер Никола Груевски, разговара со Ден Дончев околу трансфер на кеш пари за откуп на акции. Тука во заграда би ставил прашање: Кој го прислушкувал тогашниот лидер на опозицијата? Тоа прашање остана за век и веков неодговорено.Да се вратиме на почеток: Снимката требаше да го демотивира народот да не излезе на избори, што требаше да биде огромен бенефит на СДСМ кој веќе подолго време има доста фиксен број на гласачи. Во 18:50 се што можеше да се види е излезноста, а се што знаеме е дека таа излезност го изненадила нарачателот на снимката.

Снимање

По 6 месечен бојкот на парламентот, со снимки добиени од некого, а чиј број досега не се дозна точно, Зоран Заев, како претседател на СДСМ отишол „да разговара“ со Груевски – или нови избори или снимките ќе бидат пуштени во јавност. Дека поседува снимки, потврдил со тоа што кажал делови од разговори на Премиерот, по што седувала сосема нормална реакција, која за жал не заврши како што требало да заврши во нормални услови. Нормалната реакција е обезбедување докази со посебни истражни мерки, дека З.З. поседува разговори кои не можел на ниеден начин легално да ги набави. Згора на се, самиот вели дека ги набавиле странски служби, тврдење кое е делумно точно, но не и целосно. Имено, целостана вистина е дека снимките се еден дел правени во ДБК (има признание на т.н. „крт“ дека снимал и продавал за пари), но технолошките прилики во ДБК не дозволуваат аква масовност, што значи дека снимање и размена е вршено и од надворешен фактор, но потоа дошло до размена на информации. Мудар како што го црпнал Бог, Заев излезе со тврдење дека заради шизофренија и паничен страв, Груевски и Мијалков го снимале целиот политички врв, вклучително и себеси, за да знаат што соработниците им мислат. Здравиот разум ова го гледа како сериозна будалаштина, но ве уверувам – постојат илјадници луѓе кои сеуште веруваат дека „кртот“ З.К. е близок соработник на Груевски (или Мијалков) до тој степен што се жртвувал себеси, прифаќајќи три години затвор, за да го спаси Груевски (или Мијалков). Само кусо потсетување – кој ги снимаше Груевски и Дончев во 2004-та година? Самите? Тешко… Интересно, но се сретнав со тврдења и дека Чауш (З.Б) е истотака инфилтриран ВМРО-вец во редовите на СДСМ, за да го фателе во точно одредено време, за да ги амортизирале своите кражби. Тоа не знам дали воошто и да го коментирам. Типот по куси пантолони пуши цигара во канцеларијата на Заев, се јавува во истата таа канцеларија при апсењето да бара чаре за свој спас бил ВМРО-вски агент. Му дале да си има 70 кила разговори…

Првите „бомби“

Со цел да се покаже и докаже криминал од илегално набавениот снимен материјал, З.З. одржа четириесеттина прес конференции емитувајќи таканаречени „Бомби“. Во Бомбите требаше да има „докази за криминал“, но работите тргнаа малку чудно. На првата прес конференција чувме дека „С.Б. била наречена глупава од Г.Ј.“, премиерот бил наречен „лудак“ од неговиот кумашин и така натаму. Народот остана во шок. Чекаше криминал. Нарачки за политички убиства (иако такви нема), чекаше местења тендери, чекаше мито, корупција… Доби меѓусебно афективно ословување во рамките на ВМРО-ДПМНЕ. Нешто што го имаме во секоја организација, зграда па и дома. Народот остана по првата прес конференција во прашалници? What the hell? Тоа имавте да сервирате? Но да се разбереме. првите бомби апсолутно немаа за цел да бараат криминал. Првите беа наменети да создадат раздор во ВМРО-ДПМНЕ. Да ја разбијат компакноста на државниот врв – да ги направат ранливи за понатамошна борба.

Следните „бомби“

За волја на вистината, откако првите бомби испаднаа петарди, следните, подобро уредени, со подобри воведи, предизвикаа сомнежи. Она што не падна во очи во прв момент, и токму затоа и бомбите создадоа сомнежи за сторени криминални дела, е фактот што не забележавме антидатирање. Не на прв момент. Имено, никој, ама баш никој, не се праша – зошто бомбите за еден настан не се даваат хронолошки? Не се даваа „така како што се случиле“, туку прво утрешната, па од пред 4 месеци, па потоа задутрешната, ама задутрешната сомнително прекината на сред муабет. А таа пред 4-5 месеци пак, не почнува како секој нормален разговор со „ало“, или „Здраво“ туку почнува чудесно со „…за ова вчера што ти реков…“.Значи сомнежот за криминал се создаде, па голем дел од народот се прашуваше, како е можно Груевски да е толку дрзок, да тврди дека нема криминал таму каде што го слушаме… Мора да се каже дека грото народ прифати дека има сомнеж. И поважниот момент, партијата СДСМ го прифати во целост, секој муабет, иако со чудна хронологија и чудно прекинување и запирање на разговори – како црвст доказ за криминал.

Пад на ефектот на „бомбите“

После десеттина прес конференции, „бомбите“ почнаа да немаат ефект. Ако првите прес конференции имаа по 50.000 прегледи на YouTube, оние понатамошните стигнаа до неверојатно слаби 4000 прегледи, т.е. 9% од стартот. Како се случи тој драстичен пад на интересот за бомбите? Фразата „сечени, лепени и монтирани“ која ја повторуваа луѓето кои се бранеа од бомбите немаше некој силен ефект, но секој што размислува, а размислуваат повеќето нормални луѓе, почна да сфаќа дека во бомбите е прикажано само избраното од политичките противници! Ќе се земам за пример себеси. Важам за тврдокорен Македонец, разумен, чесен, досетлив, пријатен другар… Ова може да ви го потврдат оние кои се дружат со мене – зад грб, не пред мене. Но, Јас, се сеќавам дека во еден телефонски разговор со татко ми, кога ми кажа за едно недело на еден поранешен комшија (го фатил во кражба на градежен материјал – даски), реков „море ако му дојдам со една даска по глава, па удри, удри – додека не го спружам да не може да стане! Ќе го убијам, мамето негово!“. Да. Тоа го имам речено јас! Сега замислете за миг, тоа некој да го снимил! Замислете некој чиј лут политики противник сум јас, ви пушта лента со мојот глас, на која јас велам: „Ќе го убијам, мамето негово!“. Не е дека не сум го рекол. Сум го рекол. Сум бил изнервиран и сум го рекол. Секако дека даска немам скршено од ничија глава, затоа што откако ќе избори човек до 10, муабетот е друг, ама што е со секој оној кој ме слушнал како велам: „Ќе го убијам!“. Грдо, нели? Приватен разговор од 15 секунди, кажува дека Јас не сум разумен, чесен, дружељубив и така натака, туку јас сум потенцијален убиец!Секој жив човек зад себе има еден, два или стотина приватни разговори во кои може да е изнервиран, да тропне глупост, да е поднапиен па се кикоти што за некого ќе е непристојно, па дури и да лаже. Секој жив човек. Ама тој разговор не го прави човекот. Човекот го прават сите дела заедно кои ги оставил зад себе. Не сегменти од избрани разговори. Ако згора на се го додадеме општото мислење за главниот презентер на бомбите, кој е познат по тоа што – се што рекол – излажал, добиваш бомби без ефект. Така бомбите „истушија“ без ефект. Затоа што немаше кој да фрли камен на Марија Магдалена. Ете затоа.

Олеснувачи и специјални

Тие што правеа снимки, и како сликички си ги менуваа, „на ти го – дај ми го“ со „кртовите“ на нашата ДБК, се јавија сами. Не сите, се подразбира – но некои дефинитивно. А ВМРО-ДПМНЕ, како владеачка сила, во тој момент ја направи втората своја најголема историска грешка, после онаа во 1994-та кога бојкотираше избори. Прифати да преговара со Заев кој уценуваше и презентираше приватни разговори, што во секоја земја е казниво (Турција – доживотен затвор, на пример). Со човек кој извршил криминал – не се преговара. И така, олеснувачите, заедно со оние кои требаа да си го покријат сопствениот газ или газот на своите земји, попрецизно речено, измислија дека треба да постои „независно обвинителство“. ВМРО-ДПМНЕ влегуваше од грешка во грешка: Со прифаќањето на СЈО, дефакто му даде силна тежина на тврдењето на СДСМ, дека ОЈО е всушност под партиска контрола. Нејсе, четирите партии се согласија – „нека биде СЈО“. Каде им беа очите на ВМРО-ДПМНЕ и како ја избраа Катица кој не само што не се потруди да се маскира како независна, туку во еден момент на фејсбук профилот (ова се подзаборави, нели) се изјасни дека ќе одела на протести закажани од СДСМ. Истата таа „немаше време“ за судење за случајот „Пуч“ кој и беше предаден, но за во риплиевата „верувале или не“ најде време да отвори 6 нови случаи! Од пуста независност. И така противуставната „специјална институција“ наместо правно тело (макар противуставно), стана партиски огранок.

Геостратегијата и хиените

Кога хиената ќе намириса крв, тешко можеш да ја спречиш да тргне по плен. Нема секогаш да успее, ама во 100% случаи тргнува кон мирисот на крв. Така, од ова што требаше да биде геостратешка операција, се испилија барања на сите хиени. Федерализација, распад на држава, огромен бегалски камп, протекторат, странски војски… Еден Господ знае што разни хиени намирисале на закрвавена Македонија. А Геостратегијата, како што напиша Борис Дамовски на својот профил, најмногу ги сака оние кои не ја разбираат. Па така, геостратегијата просто е силно вљубена во неколку илјади „македончиња“ кои немаат поим како и зошто ова се случува, ама воедно ги мрази оние многу илјади Македонци кои ја разбираат. Што беше геостратешката операција. Збир од силни земји, под кодното име „чадор“ сакаат тероторијата на Република Македонија да биде во НАТО. Внимавајте – територијата! Апсолутно им е сеедно дали ќе се вика Македонија, дали ќе е поделена на парчиња и дали ќе има македонска култура, нација или јазик. И бидејќи наидоа на тежок преговарач од страната која беше полесна да се свитка (споредбено меѓу Македонија и Грција) , а воедно најдоа пулен кој „би свиткал кичма“ околу овие прашања – решија да го донесат на власт, или најмалку – да го направат доволно силен и политички влијателен фактор во земјата, за реализацијата на својата геостратешка цел. Некои ќе го оспоруваат ова. Но никој, ама баш никој, нема да може да објасни, на пример, зошто втората по големина амбасада во светот на Американците, се наоѓа во земја со два милини жители? Ако немаат план тоа да е на територија контролирана од нив – доволна би била една куќа, наместо една огромна резиденција. Значи да не се лажеме – чадорот сака територијата на Македонија да влезе во НАТО. Да не се занесуваме дека сакаат да му учинат на Македонскиот народ или на Република Македонија.

Автор: Методија Анѓелкоски

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •